Пребарување
Filters
Close

Бела глина од ORGANIQUE: вистински дар од природата

Прочитајте го шестиот блог на Биодевојка, со рецензија за дел од нашите производи!

Здраво драги мои,

глината претставува едно од најстарите природни методи кој човекот го имал на располагање за нега на кожата и косата.  Таа претставувала и сеуште претставува јавна тајна за убавината на многу жени. Богата е со разни минерали како железо, силика, калциум, мангезиум и.т.н., и во зависност од количината и процентот на овие минерали постојат разни видови на глина кои меѓусебно се разликуваат не само по бојата, туку и според дејството. Помага при разни состојби на кожата и косата: го забавува стареењето, помага при проблем со акни и митесери, помага при проблем на дерматитис, реуматски болки, масна коса или едноставно ја прочистува и омекнува кожата.

Досега во многу статии имам зборувано само за два вида на глина и тоа: зелена глина и мароканска вулканска глина расул, од проста причина што до пред извесно време единствено тие можеа да се најдат кај нас во републикава. Меѓутоа денес на моја огромна радост ќе говорам за белата глина или каолинот која јас лично многу често ја користам во моите рецепти, меѓутоа не сум говорела затоа што досега ја немаше кај нас на пазарот. За среќа, благодарение на марката Organique, сите вие ќе може да ги уживате благодетите на оваа прекрасна глина и заедно со мене да направите многу оригинални домашни рецепти. Ајде најнапред да проговориме што е всушност белата глина, што содржи, зошто е толку ценета и за каков тип на кожа и коса одговара.

Белата глина или уште наречена каолин ( името го добила поради фактот што за првпат била откриена во кинеската област Kao Ling) претставува минерална смеса која претежно во својот состав содржи силика (48%) и алуминиум (36%), па затоа и бојата на оваа глина е токму бела. Содржи и други минерали (во ептен мали количини) како магнезиум, калциум и железо. Благодарение на својот минерален состав, белата глина има голем број на козметички бенефиции врз кожата и косата и тоа:

антисептичко дејство: белата глина е одлична во случај на акни и бубуљички на лицето. Со оглед на тоа што е за нијанса поблага од зелената глина, се препорачува пред сѐ за случаеви каде има појава на акни кај многу чувствителна кожа која лесно се иритира. Го спречува развојот на бактериските инфекции на кожата кои се причина за појавата на бубуљички и акни;

прочистувачко дејство: една од основните карактеристики на сите видови на глина е способнаста да ги апсорбира (извлекува) токсините од организмот истовремено испуштајќи ги вредните минерали врз нашата кожа или коса (во зависност од тоа како ја користиме).

антивоспалително дејство: освен тоа што ја прочистува кожата (напоменав дека е одлична во случај на акни), белата глина истовремено ги намалува и црвенилата предизвикани од самите акни (бактериската инфекција) и ја смирува кожата. Белата глина е една од ретките која може да се користи и во случај на сува и чувствителна кожа и кожа со купероза;

ја подобрува структурата на кожата: белата глина е многу корсна во случај на неестетски појави на самата кожа како на пример целулит или стрии. Ова дејство се должи благодарение на алуминиумоткој има способност да го стимулира процесот на регенерација на кожата;

анти ејџ дејство: благодарение на уникатниот микс на минерали, белата глина ја оддржува  еластичноста на кожата, ја подобрува структурата и одлична е во забавување на процесот на предвременото стареење;

деодорантно дејство: белата глина е една од основните состојки доколку сакате сами дома да направите одличен 100% природен деодоранс за тело кој ќе биде одлична замена на алуминиумските деодоранси кои апсолутно треба да се избегнуваат. Белата глина има способност да ги апсорбира лошите мириси од телото и кожата, дејство кое дефинитивно не е за потценување;

помага во случај на опаѓање на косата: благодарение на уникатната комбинација на минерали, оваа глина се покажала како одлична во случај на проблеми со поголемо опаѓање на косата (во продолжение ќе ви објаснам како да ја користите);

избелувачко дејство: белата глина честопати е една од основните состојки во голем број на природни пасти за миење на забите токму поради избелувачкиот ефект кој што го има врз забите. 

Како што можевте да прочитате оваа глина има навистина безброј вредни бенефиции врз нашиот организам (говориме за козметички бенефиции секако). Одлично е што може да се употребува кај буквално сите типови на кожа и коса, токму поради фактот што оваа глина е многу поблага како дејство и ефект од зелената глина.

Како што претходно напоменав кај нас на пазарот за среќа може да ја најдеме глината на полската марка Organique која е чиста бела глина и која може да ја користиме на многу различни начини за нега на кожата и косата и тоа:

- како маска за лице;
- како маска за коса;
- како маска за тело во случај на целулит и стрии (во комбинација со какао, сол или кафе);
- како пилинг за лице (во комбинација со шеќер, кокосово брашно и масло);

Навистина има безброј начини на кои може да ја користите оваа глина. Основната смеса која може да ја користите за скоро сите проблематики поврзани со кожата и косата е следнава:

2 кафени лажички бела глина
1 кафена лажичка масло (јас овојпат сакам да ви го претставам маслото од макадамија на истата марка)
малку вода (колку да се добие убава смеса ни многу густа ни многу течна)

Сите овие состојки се мешаат со помош на една пластична или дрвена лажичка (никако метална затоа што глината во контакт со металот реагира) сѐ додека да добиете убава смеса. Ова како што кажав е базата за било каква маска за лице и тело (особено доколку имате чувствителна кожа), а вие секако може да ја персонализирате да додадете други состојки како на пример разни чаеви или етерични масла во зависност од типот на кожата.

Во продолжение на оваа статија, би сакала да ви дадам три прекрасни рецепти од кои сум презадоволна и кои мене лично многу ми се допаѓаат, односно: хранлива чоколадна маска за лице, природен домашен деодоранс за тело и маска против опаѓање на косата и во случај на слаба коса.

Како што претходо напоменав, како масло ќе го користам она од макадамија од истоимената марка, односно Organique, затоа што го пробав од чиста љубопитност да видам какво е, и ми се допадна, па се решив да го претставам овде заедно со глината.

Станува збор за масло кое е чисто, ладно цедено и природно. Има прекрасен мирис на макадамија и кожата одлично го прима. Еве погледнете ја структурата и бојата на самото масло.

Маслото од макадамија е вистински концентрат на палмитолеинска киселина (содржи 26, 70%) која е еден од најмоќните антиоксиданси и помага во спречувањето на штетното влијание на слободните радикали кои се причина за предвременото стареење на кожата.

Потоа содржи 60 % олеинска киселина која е од основно значење за регенерацијата на кожата, омега 3 и 6 масни киселини и два многу важни витамини од групата Б, односно нијацин (Б3) и тијамин (Б1).

Благодарение на големата количина на олеинска киселина ова масло е многу издржливо и едно од поотпорните масла на ужегнување и оксидација 

1. Чоколадна маска за лице

Оваа маска е вистинско уживање не само за кожата туку буквално за сите сетила. Дури и да сте на диета, слободно мачкајте колку и да сакате врз кожата (немојте само да ја јадете иако ќе имате голем нагон да го направите тоа ахахаххаа). Благодарение на комбинацијата на состојки оваа маска ја прочистува, храни, омекнува, регенерира и тонизира сувата кожа. Навистина е мелем, особено за сите оние кои имаат нормална до сува кожа на лицето. Еве го рецептот:

60 гр. шеа путер
30 гр. масло од макадамија
10 гр какао во прав (по можност без шеќер)
20 гр. бела глина

Најнапред со помош на еден миксер (оној за правење на шлаг за торти) почнете да го матите само шеа путерот (со оглед на тоа што овој путер е доста мек нема да имате проблем убаво да го изработите само него). Потоа додадете го маслото од макадамија и продолжете да работите со миксерот се додека не добиете убава хомогена смеса без грутки (нешто како крем за торта). Додадете ги глината и какаото (може претходно и да ги помешате ако сакате) уште малку кратко проматете со миксерот и потоа продолжете да мешате полека со убава дрвена лажица (околу минутка две). Префрлете ја смесата во едно убаво стаклено или пластично кутиче и вашата маска е готова.

Се користи на тој начин што се става на убаво исчистено лице навечер со блага кружна масажа. Се остава да делува околу 10 мин. и потоа не се мие туку со помош на едно козметичко сунѓерче или пешкир се отстранува вишокот на маска од лицето.

2. Природен крем деодоранс со бела глина

На најприроден можен начин може самите вие да направите свој персонализиран деодоранс кој може да го ставите во мало интересно кутивче и да го носите секаде со себе. Овој домашен деодоранс е навистина многу функционален и штити од лоша миризба во текот на целиот ден. Мора да кажам дека ми е еден од омилените рецепти, токму поради тоа што е едноставен за изработка, а истовремено многу функционален. Основни карактеристики на овој производ: 

-  ја неутрализира лошата миризба под пазувите благодарение на содата и белата глина;
-  ја омекнува кожата благодарение на путерите и кокосовото масло;
-  дава свиленкаст ефект благодарение на нишестето
-  прекрасно мириса благодарение на етеричните масла

Мора да ви кажам дека одлично функционира и издржува цел ден и навистина одлично го неутрализира лошиот мирис и остава свежина во текот на целиот ден. Рецептот е следниов:

1 супена лажица какао путер;
1 ипол кафена лажичка шеа путер;
2 кафени лажички кокосово масло;
1 ипол кафена лажичка бела глина (каолин);
2 кафени лажички сода бикарбона 
1 кафена лажичка нишесте
20 капки етерично масло по ваш избор (јас користев пачули, нероли и лаванда)

Најнапред во една чашка се ставаат путерите и кокосовото масло. Се ставаат во едно тенџере со вода и се вклучува ринглата за водата постепено да се загрее и да ги стопи состојките.Откако ќе се стопат летно време се оставаат околу саат време на собна температура, додека зимно време доволни се 20 мин. (зависи и од топлината на станот).Потоа се додаваат и прашкастите состојки. 

Сите состојки убаво се мешаат, се префрлаат во едно празно и чисто кутивче и се додаваат етеричните масла. Може да користите комбинација на разни етерични масла на пример: пачули, лаванда и лимон, или лаванда, нане и портокал, она што вам ви се допаѓа. Може секако и само едно етерично масло да ставите на пример само лаванда.

Оставете го да се зацврсне преку ноќ убаво или за побрзо може и во фрижидер. Утредента вашиот кремаст деодоранс е готов. Наместо да се мачкате со деодоранси кои содржат алуминиум, направете ја оваа природна варијанта и ќе бидете повеќе од задоволни. 

3. Маска против опаѓање на косата и за зајакнување на влакното


2 лажици бела глина
2 лажици масло од макадамија

Во еден сад (пластичен или стаклен) се мешаат убаво двете состојки сѐ додека да се добие убава смеса која не е ни многу густа ни многу ретка (по потреба додадете некоја од состојките за да ја подобрите структурата на маската). Може да додадете и 4 капки етерично масло од рузмарин кој ќе ја подобри циркулацијата и со самото тоа ќе го сголеми ефектот на оваа маска. Со помош на прстите, нанесете ја маската само на коренот (на мокра коса) благо масирајќи со нежни кружни движења. Масажата нека биде блага (без многу пристискање), меѓутоа одлучна. Покријте ја косата со пластична ќеса и пешкир и оставте да делува околу 15 до 20 минути. По истекот на времето убаво измијте ја со благ органски шампон и млака вода.

Со редовна употреба (еднаш неделно) ќе забележите видни подобрувања на квалитетот на влакното, а и самата коса ќе биде многу поздрава и видно ќе се намали опаѓањето.

Драги мои, јас се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а вие додколку сакате оставете ваш коментар под текстот дали досега сте пробале да направите некоја маска со бела глина или дали еве сте го пробале конкретно овој производ.

До следно читање, ве гушкам.
Вики

 

Оставете коментар
Коментари
28.11.2018 21:20
Гост
Перезвоните пожалуйста по телефону 8 (499) 322-46-85 , Валерий.