Пребарување
Filters
Close

Богат балсам за нега на сувата кожа на телото на полската марка ORGANIQUE

Прочитајте го вториот блог на Биодевојка, со рецензија за дел од нашите производи!

Здраво драги мои,

сувата кожа на телото може да се јави како резултат од неправилната хидратација и хранење на истата во текот на целата година, меѓутоа и како последица од прекумерното изложување на сончевите зраци за време на летните одмори. Доколку и вие сте се вратиле од летните одмори со малку посува кожа од обично, не очајувајте, за вас го имам вистинскиот производ кој ќе ја врати вашата кожа во “форма“ зголемувајќи ја еластичноста на истата. Станува збор за еден богат балсам кој во својот состав содржи дури 55% шеа путер на полската марка Organique.

Јас лично за нега на кожата на телото користам секогаш многу богати производи кои ја оддржуваат еластичноста на кожата и го подобруваат изгледот на истата. Затоа не е ни чудно што го одбрав токму овој производ за рецензија. Како што веќе напоменав има големо присуство на шеа путер (едноставно го обожавам како состојка за нега на кожата), кој е многу умешно искомбиниран со други состојки (масла, пчелин восок и витамини) за кои ќе говорам во продолжение.

BUTYROSPERMUM PARKII (SHEA BUTTER), CERA ALBA (BEESWAX), CETEARYL ALCOHOL, GLYCINE SOJA (SOYBEAN) OIL, PERSEA GRATISSIMA (AVOCADO) OIL, VITIS VINIFERA (GRAPE) SEED OIL, PARFUM, TOCOPHEROL, BETA-SITOSTEROL, SQUALENE, BENZYL BENZOATE, CINNAMAL, CITRAL, CITRONELLOL, EUGENOL, GERANIOL, LIMONENE, LINALOOL

Како што може да забележите од самата декларација, на прво место (како што веќе напоменав) е шеа путерот кој содржи состојки кои одлично ја оддржуваат еластичноста на кожата и е богат со витамините А, Б, Е, Ф. Самото дрво (Шеа, кое природно расте во Африка во зоната помеѓу Нил и Сенегал) се нарекува “дрво на здравје и младоста“. Токму поради тоа шеа путерот е познат и како состојка која придонесува за помлада, поздрава и поубава кожа. По него на втора позиција може да забележиме пчелин восок кој не само што ја продобрува структурата на производот, (дава поцврста структура со огед на тоа што на шеа путерот се додадени и други состојки, како на пример масла), туку и одлично ја негува, омекнува и храни кожата. На трета позиција имаме една состојка која се нарекува цетерил алкохол, (не плашете се не станува збор за течен алкохол), туку во оваа формула претставува состојка која ќе даде поголемо емолиентно (омекнувачко) дејство на производот и ќе ја подобри структурата на истиот.

Како масла во формулата се употребени три и тоа: 

масло од соја кое е лесно масло;
масло од авокадо кое е многу богато со токоферол (витамин Е), каротеноид (кој се претвора во витамин А) и фитостероли. Токму поради ова маслото од авокадо е предуслов за прекрасна еластична кожа;
масло од семки од грозје кое е богато со полифеноли и линолеинска киселина кои имаат огромно антиоксидантно дејство и го забавуваат процесот на стареење.

Понатаму во производот може да забележиме токоферол (чиста форма на вит. Е) и сквален кој го стимулира производството на колаген и еластин кај кожата и го враќа тонусот на самата кожа. 

Овој балсам има маслена цврста структура, кој во контакт со кожата се топи. Мирисот е прекрасен на портокал со чили (меѓутоа не лути секако, не грижете се). Она што мене лично ме освои (освен декларацијата секако) е токму мирисот, каде доминира портокалот со малку зачинета мирисна нота.

Се користи на тој начин што мала количина од овој балсам се загрева помеѓу прстите (триејќи го прстите на двете раце една од друга) и се нанесува на благо навлажнета кожа по туширањето. На тој начин самата кожа може многу полесно да ги искористи сите бенефиции од самиот производ. По нанесувањето кожата ќе ви биде мека, мирисна, свиленкаста и што е важно нахранета.

Овој балсам слободно може да го користите и во случај на многу груби делови на кожата (петици, колена, лактови и.т.н), кои верувајте ми без проблем веднаш ќе ги омекне. Јас масирајќи ја кожата на телото го нанесувам и врз стапалата, па и петиците и забележав доста голема разлика во квалитетот на кожата особено на петиците.

Цената на овој производ е 655 мкд за 100 гр. и може да го најдете онлајн на вебсајтот на Bellina.mk.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека доколку го пробате овој производ ќе оставите ваш коментар како ви се допаднал. Поздрав и се читаме наскоро со многу интересни производи и содржини.

Ве гушкам
Вики

 

 

Оставете коментар