Пребарување
Filters
Close

Крем со гоџи и крем со тиква од ORGANIQUE - есенски еликсир за здрава и убава кожа

Прочитајте го петиот блог на Биодевојка, со рецензија за дел од нашите производи!

Здраво драги мои,

жешкото помина и полека но сигурно им кажуваме чао чао на костумите за бањање, сандалите, апостолките, а богами и на летната нега на кожата. Есента пристигна (мислам дека сите го сфативме тоа од наглото намалување на температурата) каде се случуваат многу промени во природата. Со оглед на тоа што нашиот организам и кожа ги следат тие промени, од голема важност е да ја промениме или подобро речено прилагодиме дневната и ноќната нега на нашата кожа во склад со овие временски промени.

По завршувањето на летните одмори и со доаѓањето на нешто поладните денови (не мислам на она најладното кое допрва ќе доаѓа), кожата има потреба од производи кои најнапред имаат за цел да ја задржат правилната хидратација на кожата, а потоа во зависност од типот на кожата да ја нахранат и оддржат еластична, да имаат антиоксидантно дејство (заштита од слободните радикали), да имаат ленитивно или омекнувачко дејство, да ја заштитуваат кожата од надворешните влијанија и.т.н.

Во последниов месец дена имав можност да тестирам две премногу убави креми за лице со одлична декларација и оригинален микс на состојки, со анти ејџ влијание (го спречуваат предвременото стареење на кожата) од полската марка Organique. Станува збор за кремот за лице со гоџи бобинки и кремот за лице со тиква.

1. Крем за лице со гоџи бобинки

Овој крем дава неверојатна хидратација на кожата и го спречува или подобро речено одложува предвременото стареење на кожата. Многу е убав како производ и лесно се впива. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата и да проговориме околу миксот на состојки кои се користени.

INCI: AQUA, ORYZA SATIVA BRAN OIL, CAPRYLIC / CAPRIC TRIGLYCERIDE, ISOAMYL LAURATE, SESAMUM INDICUM SEED OIL, CETEARYL GLUCOSIDE, CETEARYL ALCOHOL, SORBITAN OLIVATE, GLYCERIN, BETAINE, GALACTOARABINAN, PARFUM, ALOE BARBADENSIS LEAF JUICE, LYCIUM BARBARUM FRUIT EXTRACT, PANAX GINSENG ROOT EXTRACT, KAPPAPHYCUS ALVAREZII EXTRACT, CAESALPINIA SPINOSA FRUIT EXTRACT, ROSMARINUS OFFICINALIS (ROSEMARY) LEAF EXTRACT, HELIANTHUS ANNUUS (SUNFLOWER) SEED OIL, TOCOPHEROL, XANTHAN GUM, BENZYL ALCOHOL, SALICYLIC ACID, SORBIC ACID, PROPANEDIOL, TETRASODIUM GLUTAMATE DIACETATE

Во овој производ може да забележиме микс на повеќе масла, а штом видам комбинација на масла гледам три важни работи и тоа: 

- процентот на масла употребени во кремаот кои се показател за тоа колку кремот е всушност масна;
- изборот на масла, кој е индикатор за тоа како кремот ќе се размачкува на лицето;
- редоследот на маслата кој го дава карактерот на еден крем, односно за каква кожа е наменет.

Маслата во еден козметички производ не се ставаат онака случајно (она што го имаме дома), туку плански врз база на карактеристиките кои сакаме да ги дадеме на производот и секако намената, односно за кој тип на кожа сакаме да биде. Гледајќи го миксот на масла овде може да кажам дека се употребени следниве масла (ги пишувам според процентот на застапеност)

- масло од ориз има одлично емолиентно (омекнувачко) дејство врз кожата. Ова масло во својот состав има идеален баланс помеѓу олеинската, палмитинската и линолеинската киселина и вит. Е, што го прави погодно како за сува кожа, така и за комбинирана до масна. Претставува едно од најдобрите масла за спечување на предвременото стареење на кожата; 

-  caprylic / capric triglyceride претставува еден вид на растително масло кое се добива на два начина: по хемиски пат од масните киселини на кокосовото масло во комбинација со глицеринот или пак со фракционирање на кокосовото масло (во тој случај е 100% природно). Ова масло дава свиленкаст ефект, одлично се апсорбира во кожата и е многу стабилно на оксидирање.

- isoamyl laurate претсавува масло добиено од кокосовото масло како база. Ова масло е одлично да се вметне во еден производ, особено ако се прави еден вид на маслена комбинација во кремите, дава свиленкаст ефект, воопшто не масти и има големо омекнувачко дејство врз кожата;

масло од сусам има анти ејџ, антиоксидантно, регенеративно и ленитивно дејство врз кожата. Иако е доста храливо како масло, една од главните карактеристики му е што не ја масти кожата и ја прави многу мека и мазна;

сончогледовoто масло е богато со вит. Е, има лентивно дејство врз кожата и самата кожа убаво го впива;

- токоферол (чиста форма на вит. Е) кој има функција на антиоксиданс (го спречува предвременото ужегнување на маслата) и функција на омекнувач на кожата. 

Како што може да забележите во производов се внесени масла со различна густина и секако различен ефект, специјално направени за да се надополнуваат. Како и да е, преовладуваат масла кои даваат свиленкаст ефект на кожата и лесно се впиваат, така да кремот нема да биде мрсен врз кожата, туку полесно ќе се впива, ќе ја дава потребната хидратација (благодарение на останатите состојки за кои ќе говорам во продолжение), меѓутоа и ќе ја задржува правилната еластичност на кожата.

Во формулата не се присутни путери и восоци што значи дека кремот нема да се исуши веднаш врз лицето уште пред да го намачкате (путерите и восоците му даваат сув ефект на кремот врз кожата), туку ќе ви даде убава лесна структура на хидратантен крем кој убаво се размачкува и дава чувство на хидрирана и нахранета кожа.

 Во формулата понатаму се присутни глицерин и алое вера гел кои имаат хидратантно и омекнувачко дејство врз кожата и комбнација на многу убави екстракти како: гоџи, рузмарин, гинсенг и црвени микроалги. Од комбинацијата и изборот на маслата, и секако од изборот на екстрактите, може да заклучиме дека станува збор за крем кој има заштитно дејство врз кожата (од надворешните влијанија) и секако големо анти ејџ влијание, односно го спречува предвременото стареење на кожата. Кремот одговара за нормална кожа, меѓутоа според комбинацијата на масла би рекла дека е одличен и за комбинирана кожа, особено сега кога доаѓа поладен период, бидејќи има големо хидратантно и анти ејџ влијание. Јас имам комбинирана кожа и можам да кажам дека овој крем одлично “ми легна“. Не го препорачувам за оние со масна кожа. Еве ја структурата на овој производ

Доаѓа во преубаво хигиенско шишенце со пумпица (на вртење) од 50 мл. и има прекрасен нежен мирис.

2. Крем за лице со екстракт од тиква

Ова е новитет на нашиот пазар. Лично до сега немам сретнато кем за лице со екстракт од тиква (само со масло од семки од тиква, меѓутоа не е исто секако). Ајде и за овој крем да ја разгледаме декларацијата.

INCI: AQUA, CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE, PERSEA GRATISSIMA (AVOCADO) OIL, GLYCERIN, BETAINE, CHONDRUS CRISPUS (CARRAGEENAN) EXTRACT, CUCURBITA PEPO (PUMPKIN) FRUIT EXTRACT, GLYCERYL STEARATE, CETEARYL ALCOHOL, GLYCERYL STEARATE CITRATE, PARFUM, BENZYL ALCOHOL, LYSOLECITHIN, DEHYDROACETIC ACID, SODIUM HYALURONATE, SCLEROTIUM GUM, TOCOPHEROL (MIXED), BETA-SITOSTEROL, SQUALENE, PULLULAN, XANTHAN GUM, TETRASODIUM GLUTAMATE DIACETATE.

Од формулата можам да кажам дека овој крем е повеќе наменет за нормална накај сува кожа која е дехидрирана и има потреба од регенерација. Тоа може да се забележи и од самата комбинација на масла:

-   caprylic / capric triglyceride претставува еден вид на растително масло кое се добива на два начина: по хемиски пат од масните киселини на кокосовото масло во комбинација со глицеринот или пак со фракционирање на кокосовото масло (во тој случај е 100% природно). Ова масло дава свиленкаст ефект, одлично се апсорбира во кожата и е многу стабилно на оксидирање;

масло од авокадо е многу богато со токоферол (витамин Е), каротеноид (кој се претвора во витамин А) и фитостероли, кои го поттикнуваат клеточниот метаболизам на обновување на клетките на кожата, придонесуваат за задржување на еластичноста на самата кожа и имаат големо анти ејџ влијание. Ја намалува појавата на брчки на лицето и ја оддржува елстичноста на кожата, а со тоа и самиот сјај и свежина. Одлично е за сува или многу сува кожа, како и за возрасна кожа и кожа без сјај;

-  токоферол (чиста форма на вит. Е) кој има функција на антиоксиданс (го спречува предвременото ужегнување на маслата) и функција на омекнувач на кожата (емолиентно дејство);

скваленот е една од оние состојки која е најкомпатибилна со нашата кожа, односно со структурата на нашиот себум. Кожата веднаш ја препознава и како таква веднаш ја апсорбира. Оваа состојка е навистина доста скапа и ценета и се добива претежно од маслиновото масло. Се користи скоро секогаш во органската козметика;

-  beta sitosterol кој не претставува масло, туку е всушност фитостероли, односно несапунифицираниот дел од маслата (оној кој во контакт со живата сода при правење на сапуни не се сапунифицира). Може да се добијат од разни масла како: маслиново, масло од авокадо, масло од ориз, масло од орев и.т.н. Негова главна улога е да го подобри заштитниот филм на кожата.

Сега сфативте зошто претходно реков дека кремов е погоден за оние кои имаат нормална до сува кожа. Има големо регенеративно дејство, големо хидратантно дејство и секако заштитно дејство (ја заштитува кожата од надворешните влијанија). Како екстракти овде се употребени секако екстрактот од тиква кој е богат со витамини, каротеноиди, протеини, минерални соли и аминокиселини. Овој екстракт ја помага правилната хидратација на кожата и го забавува процесот на стареење на кожата. Во комбинација со хијалуронската киселина, мислам дека е идеална “бомба“ за здрава и убава кожа.

Структурата исто така е лесна, во смисла не се суши веднаш врз кожата, иако е за нијанса побогат од претходниот крем. Кај мене (имам комбинирана кожа) не е баш многу адекватен, меѓутоа мојата цел е да предлагам креми за сите видови на кожа, па што да ви кажам драги морам да пробам сѐ, дури и она што е малку помасно за мојата кожа. Сѐ за вас!!!

Доаѓа во пакување од 50 мл. во хигиенско кутивче со пумпица (исто како и претодниот) кое особено ми се допаѓа бидејки е многу комотно и практично. 

За девојките со масна кожа можам да кажам дека има еден преубав крем со алое кој лично го немам пробано, меѓутоа еве може да остане понатаму во некоја статија да го пробам и да ви го претставам како производ.

Ете драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна, и дека на некој начин ви помогнав во изборот за вашиот совршен крем за овој период. Само да напоменам дека овие две креми може да се најдат во продавниците на Космо низ републикава и онлајн на bellina.mk

Ве гушкам силно и се читаме наскоро.
Вики

Оставете коментар
Коментари
24.11.2018 07:50
Гост
Hello there,

My name is Aly and I would like to know if you would have any interest to have your website here at bellina.mk promoted as a resource on our blog alychidesign.com ?

We are in the midst of updating our broken link resources to include current and up to date resources for our readers. Our resource links are manually approved allowing us to mark a link as a do-follow link as well
.
If you may be interested please in being included as a resource on our blog, please let me know.

Thanks,
Aly